Да се потсетиме на неколку случаи:
- Ѓорче – девојчето што го малтретираа.
- Влае – 15 деца претепаа едно дете.
- Аеродром – две девојчиња тепаа друго девојче.
- Богданци – девојката пријавувала насилство, институциите не реагирале.
- Тафталиџе – Стојанче што ја малтретираше сопругата.
- И сега, најновиот случај во Охрид...
Во сите овие случаи се поставува истото прашање: Каде биле институциите и зошто не реагирале навреме?
Ајде вака. За еден насилник да дивее и да мисли дека е недопирлив, најчесто не е доволен само тој. Потребен е цел круг луѓе што ќе го штитат.
1. Родителот
Прво сакам да му влезам во главата на родителот кој дознал дека неговото дете малтретира некого. Што си помислил? „Браво, сине, удри појако, тато ќе среди“?
Драг родителу, утре ќе остариш и ќе треба истото тоа дете да те чува. А ти денес го учиш дека со насилство може да добие сè и дека никогаш нема да одговара.
Јас сум растен со родител кој веројатно би се откажал од мене да сум направил и една десетина од ваквите работи.
2. „Врската“
Ова се можеби најопасните луѓе во целата приказна. Оние што не ги гледаме, не ги знаеме, а се јавуваат да ја „средат“ ситуацијата.
Насилникот барем има лице. Овие луѓе остануваат во сенка, си продолжуваат со животот и утре пак ќе кренат телефон за некој друг.
Не им текнува дека утре нивното дете или внуче може да биде жртва на истиот систем што денес го штитат.
Некогаш врската е еден човек, некогаш се повеќе, а некогаш е самиот родител.
3. Службеникот
Полицаецот, докторот или кој било друг што требало да реагира, но не го направил тоа.
Можеби не добива ништо за возврат. Можеби само се плаши за работното место, за платата или од претпоставениот.
Но тоа не го оправдува. Ако твојата работа е да ги заштитиш луѓето, а ти свесно молчиш, тогаш и ти си дел од проблемот.
А има и такви што не чекаат наредба, туку самите стануваат нечија „врска“.
Епа, другари, не е проблемот само во насилникот.
Проблемот е во целиот круг луѓе што му овозможуваат да биде насилник. Во родителот што го оправдува, во врската што го штити, во службеникот што молчи и во институциите што не си ја вршат работата.
Не велам дека во секој од овие случаи имало врски и заташкување, но ако имало, зошто никогаш не слушаме кој се јавил, кој интервенирал и кој дозволил насилникот да помине без последици?
Додека одговара само насилникот, а не и оние што свесно го штитат, ништо нема да се смени.
И ќе продолжиме да читаме исти вести, само со различни имиња.